Царинската управа беспрекорно и жестоко ќе се бори против криминалот во нашите редови и тоа го покажавме во овие 26 месеци – истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со осомничениот помошник-директор на оваа институција, кој неодамна беше уапсен за примање мито.

Николовски најави жестока борба и санкционирање на сите вработени што ќе бидат осоминичени за криминални дела.

– На 14 април, на денот на Царината, во моето обраќање пратив порака до сите вработени во Царинската управа дека беспрекорно и жестоко ќе се бориме против криминалот во нашите редови и тоа го покажавме во овие 26 месеци од царинските службеници во најниските слоеви, а еве сега до еден од повисоките слоеви во Царината. Секој што работи и се осомничи дека работи криминални дела, ќе биде жестоко санкциониран и во таа смисла еве ги доказите. Ние како Царинска управа ќе преземеме сè што е потребно и во наша надлежност, меѓутоа оваа постапка ја води надлежното Обвинителство, полицијата го изврши апсењето и ние ќе чекаме комуникација и ќе преземеме мерки – посочи Николовски.

Царинската управа денеска на граничниот премин Табановце го промовира завршувањето на проектите реализирани во рамките на акцискиот документ „ЕУ против организираниот криминал, со поддршка за трговијата“.