САД ја има под контрола ситуацијата во Македонија, а со доаѓањето на Агелер во Скопје, Бајден покажува еден континуитет на американската политика, смета поранешниот македонски амбасадор и дипломат од кариера, Ристо Никовски.

Вели, притисокот кој го прави САД да се реши спорот Македонија-Бугарија е реален, но тој притисок не се прави од Скопје, туку од Вашингтон или поконкретно од Софија.

Никовски смета дека САД и сите наши соседи сакаат Македонија да ги отпочне преговорите со ЕУ, затоа што тоа значи почеток на пропастот на македонизмот.

Лидер: Бајден ја номинираше Анџела Прајс Агелер за амбасадор во Македонија, која не е непозната за Македонија, затоа што во периодот 2009-2011 година, работела како советничка за односи со јавност на амбасадата на САД во Скопје. Агелер го зборува и македонски јазик. Што ќе значи нејзиното поставување, ќе има ли промени на во политиката на САД кон Македонија?

-Во принцип Америка ги менува своите амбасадори на три години. Колку што ми е мене познато толку отприлика беше и досегашната амбасадорка во Скопје-Кејт Мери Брнс.
Тоа што новата амбасадорка знае македонски воопшто не треба да не изненадува. Бидејќи сите од Стејт департментот што доаѓаат во Македонија, макар една година претходно учат македонски јазик. Не само за кај нас, туку во било која држава да одат го учат јазикот на државата. Тоа е нормална пракса.

Од друга страна, мислам дека во дадената ситуација нема никаква потреба да праќаат некој кој би бил “troubleshooter“што би рекле англичаните, некој кој се соочува со проблематични земји, бидејќи горе-долу кај нас имаат се под контрола.

Доаѓањето на Агелер во Скопје покажува еден континуитет на американската политика. Знаењето на македонскиот јазик е предност, кој ќе наиде на прием кај нас во земјата. Така да, нема никаква нова порака во однос на именувањето на новата амбасадорка.

Лидер: Што се однесува за спорот со Бугарија. Значи ли дека со новата амбасадорка ќе се интензивираат преговорите со Софија, ќе има ли некој нов притисок?

-Тоа не се прави од Скопје, тоа се прави пред се од Вашингтон или поконкретно од самата Софија. И тој притисок американски да се излезе од ќорсокакот е реален но и објективен, тие сакаат како и сите наши соседи вклучувајќи ја и Бугарија да започне тој процес на преговори бидејќи тоа ќе биде начин да не осакатат дополнително и целосно во однос на нашиот македонизам.

Тоа едвај го чекаат Грците, но и Бугарите. И Софија сега тактизира за да добие што поповолни позиции во преговарачката рамка и да и биде полесно сите свои средновековно и националшовинистички интереси да ги реализира во Македонија.