Многу е важно како ја градиме нашата држава и во кој правец се движи. И многу е важно да бидеме високо свесни за тоа какви последици имаме од минатото и какви планини сакаме да поместиме. А верувајте, откако ја презедов оваа функција, сите говорат за желбите, за тоа каде би можеле да бидеме, но малкумина говорат за планините кои ги носиме и проблемите кои ги наследивме. И тие проблеми не дојдоа наеднаш, туку се наследувани и многу малку решавани во минатото. Затоа што се немало искреност и чесен пристап. А многу често политичките елити, особено претходните, се забораваа и на кантар ги ставаа работите кои не само што не се продаваат, туку се дел од нашиот код и од она што сме, изјави премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба
На овој ден особено јасно ја чувствуваме вредноста на македонското име, јазик, култура и историско паметење. Во нив се собрани животите на нашите предци, зборовите на нашите мајки и татковци, сето она по кое се препознаваме и што сакаме да им го пренесеме на нашите деца. Како претседател на Владата, имам обврска тоа достоинство да го застапувам мирно, јасно и доследно. Да разговараме со сите со почит и да бараме почит за нас. Да градиме пријателства и соработка, сигурни во тоа кои сме. Верувам во европската иднина на нашата земја и во вредноста на Европа во која различните народи се почитуваат меѓусебно. Нашето место таму треба да го градиме со реформи, со знаење, со силни институции и со зачувано национално достоинство. Нашите граѓани заслужуваат перспектива во која ќе можат да веруваат и пат по кој ќе чекорат исправено. Истата зрелост ни е потребна и дома, изјави Мицкоски.
Воедно ја споделувам загриженоста на секое едно лице кое го гледам овде пред мене и секој ден низ местата кои ги посетувам. Но и измореноста на сите генерации од предолгото чекање во чекалницата на ЕУ. Го врвиме не само најтешкиот туку и најдолгиот пат кон ЕУ, обременет со многу откажувања, поместувања и неправедни удари. Силните го прават тоа што сакаат, а слабите тоа што мораат. И ова не е флоскула од учебниците, туку извадок од реалната политика денес. Но иако многумина веќе се скептични и уморни од услови, критериуми, билатерални спорови, ќе мора да бидеме мудри. За малите народи, иднината е во мудроста и единството. Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. И силните се победуваат со мудрост. Со мудрост може да има иднина, кога веќе природната предодреденост, поставеноста и геополитиката не нудат сила, кажа Мицкоски.
Погледнете како играше низ последните децении нашиот источен сосед. Сите наши грешки низ децениите ги претвори во свои предности. Многумина ќе ми кажат: „Напушти ги преговорите!“ Лесно е да се каже, но така ја отфрламе единствената шанса да влеземе во клубот и да разговараме рамноправно на истата маса. А зошто е важно да влеземе во европскиот клуб и на таа маса да разговараме рамноправно? Затоа што низ примерите на соседите кои веќе влегоа во Унијата, а се таму години пред нас и ни создаваат пречки, гледаме колку е важно да бидеме таму. Бугарија сè до нејзиниот влез немаше ниту една забелешка за добрососедските односи. Сè дотогаш не се интересираше за Бугарите, за кои таа тврди дека е многу важно да бидат дел од нашиот Устав, никој не знаеше за барем еден случај на обесправен самодеклариран Бугар во државава, иако денес лелекаат за неколку, ниту пак некој од нив велеше дека Гоце, Јане, Карев, Ѓорче се Бугари. И сè така до влезот во Европската Унија, кога влегоа во просторијата каде што не сме ние и од каде што сега ги користат сите механизми да нè закочат, изјави премиерот.
Ете затоа е важно да бидеме и ние таму и таа наша борба за таа цел мора да биде исполнета со мудрост, знаење и единство. И ова не го кажувам за да ги посочам неправедните игри спрема нашата татковина, туку поради потребата да бидеме трпеливи и да играме и дејствуваме на долги стази. И затоа, кога многумина ќе кажат: „Играте млако“, треба да знаат дека дејствуваме трпеливо и со мудрост. Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца. Да учиме од грешките од минатото. И затоа седнавме на маса за дијалог, од која тие долго бегаа и велеа дека тоа е невозможно. Не велам дека тоа е само мој успех, но е заеднички чекор напред, кажа Мицкоски.
Нема да паднам во замките на разните служби и на провокациите прикажани преку итроманските игри. На неразумните чекори одговарам со разум, на провокациите со принципи, на притисоците со отпорност и верба во она што сме и што претставуваме. Не треба секогаш на прва да се реагира и јас не трчам трка на 100 метри, туку маратон, и на тој маратон нашата татковина ќе победи. И Бугарија да договори стотина како опозицијата кои ќе велат: „Бланко внеси ги Бугарите во Уставот, па после сè друго“, одговорот ќе биде дека никогаш нема да отстапам од тоа што е интерес на мојот народ, ниту има сила која ќе ме поколеба во тоа да водам исправна промакедонска политика. Затоа што за сите нив најчудно е и најголем грев е да си Македонец што се бори за македонските интереси. Може сè да ти простат, но да си свој на своето — не. И народот тоа многу добро го гледа и затоа и бројките од анкетите го кажуваат тоа. И народот знае дека тие се мекото ткиво на нашата татковина. А оние кои се шнајдери на историјата… што мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата, им порачувам: нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ. Затоа што Гоце е вткаен во нашата борба, во нашата слобода, во нашето постоење…..Гоце е Македонија!, изјави Мицкоски.
