Интензивните врнежи од дожд изминатите денови значително придонесоа за подобрување на хидролошката состојба на Охридското Езеро, чие ниво се приближува кон јунскиот просек.

Според последните мерења спроведени од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), нивото на водата во езерото денеска е на котата 693,60 метри надморска височина, што е на пет сантиметри под просекот за јуни (693,65 м.н.в) односно 50 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в).

Температурата на езерската вода изнесува 20 степени Целзиусови и е за пет степени повисока во однос на јунскиот просек.