Седуммесечната војна меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, предизвикана од терористички напад на израелска територија на 7 октомври, ги обнови повиците за признавање на палестинската држава. Откако Норвешка, Ирска и Шпанија изјавија дека на 28-ми мај и официјално ќе ја признаат Палестина, од Вашингтон велат дека тоа воопшто нема да го приближи регионот до решение за две држави.

„Веруваме дека единствениот начин на кој ќе постигнете решение за две држави што ќе донесе и за Израелците и за Палестинците е со директни преговори меѓу страните. Тоа е она кон што се стремиме, и тоа е една поголема регионална стратегија“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност во Белата куќа.

Израелскиот премиер Нетанјаху вели дека признавањето на палестинската држава е награда за тероризмот.

„На ова зло не смее да му се даде земја. Ова ќе биде терористичка држава. Наградата за тероризмот нема да донесе мир – и нема да не спречи да го победиме Хамас“, нагласи Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

За состојбата во Рафах, од Белата Куќа уверуваат дека Израел спроведува ограничени операции. Хуманитарната криза во Газа ескалираше откако Израел упадна во јужниот град и го затвори виталниот граничен премин, ветувајќи дека ќе ги искорени борците на Хамас. Борбите одново раселија стотици илјади Палестинци. Постојаните претставници на Јордан, Кувајт и Словенија во ООН најавија иницијатива за заеднички обврски кон палестинската агенција за бегалци – УНРВА.

„Во согласност со мандатот на Генералното собрание, агенцијата има витална улога во обезбедувањето хуманитарна помош за спасување и услуги за човечки развој на генерации палестински бегалци на окупираната палестинска територија, Јордан, Либан и Сириската Арапска Република. Затоа веруваме дека е важно земјите да ја потврдат својата поддршка за работата на Агенцијата и нејзината незаменлива улога во обезбедувањето помош“, вели Махмуд Даифалах Хмуд, постојан претставник во Обединетите нации, Јордан.

Израелскиот Форум на семејства на затвореници и исчезнати објави видео од киднапирањето на израелски жени-војници за време на нападот на Хамас на 7 октомври.

„Првпат го видов видеото, плачев, кон крајот се чувствував гадење. Мислам дека секој што ќе го погледне ова видео ќе го разбере тоа чувство, особено како жена“, изјави братучетка на заложничка.

Израел вели дека околу 100 заложници сè уште се заробени во Газа, заедно со телата на уште околу 30. И додека преговорите за примирје и размена на заложници и затвореници се во ќор-сокак, Египет предупреди дека ќе се повлече како посредник во разговорите за прекин на огнот откако американската телевизија CNN објави дека египетските разузнавачки служби наводно ги измениле условите од неодамнешниот предлог за примирје и го расипале договорот.