17 проекти во финална фаза и нови работни места

Македонија влегува во фаза на засилен економски развој со нов бран странски инвестиции, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Според него, во тек е реализација или финално договарање на повеќе стратешки проекти. Паралелно, како што посочи, земјоделството повторно станува силен двигател на економијата.

Тој нагласи дека Владата активно привлекува нови инвеститори. Притоа, најголемиот дел од проектите веќе се во завршна фаза.

-Во моментов во почетна фаза на реализација, или во фаза на потпишување договори за државна помош и слично се од прилика 17 проекти, во вкупна вредност од над 650 милиони евра кои што треба да обезбедат од прилика помеѓу 4500-5000 нови директни работни места и очекувам оваа година најголемиот дел од овие проекти да бидат отпочнати со производство, што, исто така, ќе додаде вредност во вкупниот бруто-домашен производ на државава а колку е тој поголем, толку повеќе ние ќе имаме пари за реализирање на ваков вид капитални инвестици – изјави премиерот по увидот во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани (Коридор 8).

Тој додаде дека инвестициите не се ограничени само на ТИРЗ. Дел од проектите, како што рече, се реализираат и надвор од зоните.

-Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари – дополни премиерот.

Раст на извозот и поддршка за земјоделците

Покрај инвестициите, Мицкоски посочи дека земјоделството бележи позитивен пресврт. Тој истакна дека секторот станува сериозен економски столб, особено во последниот квартал од годината.

-Навистина импресивни се резултатите во земјоделието во четвртиот квартал, повеќе од двојно е поголем извозот во земјоделието отколку увозот на земјоделски производи. Само во четвртиот квартал имаме околу 12,5 милијарди денари што е навистина импресивна бројка, споредено со целата година, имаме преку 450 милиони евра извоз на земјоделски производи, наспроти околу 200 милиони увоз – рече тој.

Дополнително, премиерот нагласи дека Владата ќе продолжи со поддршка на земјоделците кои реално произведуваат.

-Земјоделието повторно станува одличен драјвер на македонската економија. За жал, откривме дека дел од лицата кои се декларираат како земјоделци всушност ги злоупотребуваат субвенциите. Во новата програма поддршката ќе ја добиваат вистинските земјоделци, кои реално произведуваат и придонесуваат – нагласи премиерот.