Стотици илјади демонстранти излегоа на улиците на Тирана
Неколку стотици илјади граѓани синоќа протестираа во Тирана, во, како што објавија албанските медиуми, најмасовниот протест досега во земјата. На собирот учествуваа и голем број Албанци од дијаспората, кои пристигнаа од повеќе европски држави, како и Албанци од соседните земји.
Протестот започна во 19 часот на плоштадот „Скендербег“, а демонстрантите се движеа до плоштадот „Народни херои“ и пред зградата на Владата.
Пред присутните се обратија повеќе говорници, кои ги повторија барањата за оставка на премиерот Еди Рама и формирање „непартиска влада со едногодишен мандат“.
По обраќањата, учесниците продолжија со марш низ улиците на главниот град.
Роденденот на Рама одбележан со симболични пораки
Најголемо внимание на протестот привлече симболиката поврзана со 62. роденден на премиерот Еди Рама, кој го прослави вчера.
Демонстрантите донесоа бетонска торта со натпис „уште 100 години затвор“, украсена со фламинга, кои станаа симбол на протестите што првично започнаа поради изградбата на луксузно одморалиште во Зврнец.
Посебни реакции на социјалните мрежи предизвика ковчегот што го носеа демонстрантите.
„Одвратно! Срамно! Ковчегот не е поезија, тој симболизира смрт. Ова оди подалеку од омразата“, беа дел од најчестите реакции објавени на социјалните мрежи.
Инциденти пред полициска станица и најавени нови протести
За време на протестот се вееја албански и американски знамиња, а демонстрантите извикуваа „Нова Албанија“, „Рама оди си“, „Рама во затвор“ и „Бериша во затвор“.
Шестчасовниот протест заврши пред Полицискиот комесаријат број 3, каде што се наоѓаат 21 лице приведено по насилниот протест што во четвртокот се одржа пред албанскиот Парламент.
Демонстрантите побараа нивно ослободување, при што фрлаа тврди предмети кон објектот и искршија прозорци. Полицијата интервенираше со водени топови.
За денеска е најавен нов протест пред судот во Тирана, каде што треба да биде одлучено за мерките против приведените.
Организаторот Едисон Лика порача дека протестите ќе продолжат.
„Протест ќе има и вечерва и секој ден со се поголема масовност продолжуваат до заминување на Рама“, изјави Лика.
