Брзо ширење на пожарот и евакуации во предградијата
Маж е уапсен во Грција под сомнение дека го предизвикал шумскиот пожар што избувна во саботата вечерта во близина на Солун, соопшти Грчката противпожарна служба.
Пожарот започнал околу 20:30 часот во клисура во планински предел кај Ореокастро и брзо се проширил кон рамничарските делови, при што најмногу била зафатена ниска вегетација.
Иако не се пријавени оштетени станбени објекти, во огнената стихија изгореле неколку фабрики и деловни објекти.
Жителите на населбите Антуполи, Филотеј и Галини добиле итни СМС-пораки за евакуација, по што дел од населението било преместено на безбедни локации.
Евакуација на установа и тешки услови за гаснење
Евакуирана била и установа со 157 лица со посебни потреби.
Околу 120 лица биле префрлени во спортска сала, додека останатите биле сместени во психијатриска болница, информираат локалните власти.
Во гаснењето учествувале околу 115 пожарникари со 38 возила, како и доброволци, но воздушната поддршка не можела да интервенира поради ноќните услови.
Службите предупредиле дека постоела опасност огнот да се прошири кон погусто населени предградија на Солун.
Уапсен 76-годишен маж, утврдена алкохолизираност
Околу полноќ, противпожарната служба соопшти дека е уапсен 76-годишен маж, осомничен дека го предизвикал пожарот.
Според службите, тој бил под дејство на алкохол.
Подоцна било утврдено дека пожарот настанал кога неговото возило создало искри што ја запалиле сувата вегетација, а анализите на крвта ја потврдиле алкохолизираноста.
