Dow Jones падна за 60 поени, или 0,17 отсто, на 35.870 поени, додека S&P 500 порасна за 0,34 отсто, на 4.704 поени, а индексот Nasdaq за 0,45 отсто, на 15.993 поени.
Најмногу вчера пораснаа акциите во потрошувачките и малопродажните сектори, благодарение на подобрите од очекуваните квартални деловни резултати на Macy’s и Kohl’s.
Заедно со претходните резултати на Волмарт и на Таргет тоа покажува дека американската потрошувачка е силна, поддржувајќи го натамошното закрепнување на најголемата светска економија од кризата со короната.
Записите на S&P 500 и Nasdaq индексот се должат и на скокот на цената на акциите на Nvidia за повеќе од 8 отсто, откако производителот на чипови објави подобри резултати во третиот квартал од очекуваното.
Од друга страна, индексот Dow Jones падна по трет пат оваа недела, како резултат на остриот пад на цената на акциите на технолошкиот гигант Cisco.
Поради сето ова, изјавата на Џон Вилијамс, претседател на филијалата на ФЕД во Њујорк, дека инфлацијата се шири и може дополнително да се зајакне, остана во втор план. Минатата недела беше објавено дека потрошувачките цени во САД се зголемиле за 6,2 отсто на годишно ниво во октомври, што е најмногу во последните 30 години. Инфлацијата пет месеци по ред е над 5 отсто, што е значително над целта на американската централна банка од 2 отсто.
Инвеститорите стравуваат дека поради растот на цените на суровините и прекините во синџирите на снабдување, високата инфлација би можела да трае подолго отколку што се надеваа многумина, вклучително и ФЕД. Тоа би можело да ја принуди централната банка да ги зголеми клучните каматни стапки порано од очекуваното.