По децении успешна музичка кариера, Неда Украден започна ново деловно поглавје. Заедно со ќерката Јелена Билбија Миновиќ, пејачката го отвори центарот за убавина „Биби“ во Белград, а заштитно лице на новиот бизнис ќе биде токму таа.

На 24 ноември, мајката и ќерката свечено го отворија центарот, во присуство на гости и претставници на медиумите. За оваа пригода двете избраа елегантни црни комбинации, а на Неда ѝ припадна честа да ја пресече црвената лента и официјално да го означи почетокот на работата на салонот.

Просторот во кој претходно се наоѓала детска игротека целосно е преуреден во модерен центар посветен на убавината, негата и здравјето. Неда пред новинарите откри дека идејата за проектот потекнува од нејзината ќерка Јелена и докторката Милица, додека таа од самиот почеток им дала целосна поддршка.

Пејачката зборуваше и за сопствените навики кога станува збор за негата на лицето. Призна дека низ годините потрошила значителни суми на различни кремови и серуми, но дека предност им дава на неинвазивните третмани.

„Повеќе сакам неинвазивни методи, апарати што не предизвикуваат рани и не бараат анестезија“, изјави Украден.

Таа откри и дека во центарот ќе бидат добредојдени и мажите, а низ шега најави посебни поволности за некои од своите долгогодишни колеги. Здравко Чолиќ, Горан Бреговиќ, Харис Џиновиќ и Мирослав Илиќ, како што рече, секогаш ќе имаат попуст.

Иако и понатаму е активна на музичката сцена, 76-годишната пејачка очигледно не се откажува од деловните амбиции. Со новиот проект, Неда и нејзината ќерка започнаа уште едно поглавје во семејното претприемништво.