Напаѓачите од Сиднеј поминале „воена обука“ на Филипините

Таткото и синот, Саџид и Навид Акрам, кои го извршија терористичкиот напад на плажата Бонди во Сиднеј, во кој загинаа 16 лица, меѓу кои и еден од напаѓачите, а околу 40 беа повредени, еден месец пред нападот престојувале на Филипините, објавија австралиските медиуми, а пренесува и Би-би-си. Според информациите, нивното патување било поврзано со можноста да поминат „воена обука“, по што филипинската полиција започна истрага за нивниот престој во земјата.

Детали за патувањето и безбедносните сомнежи

Имиграциската служба на Филипините соопшти дека двајцата напаѓачи пристигнале во земјата на 1 ноември и таму престојувале до 28 ноември. Саџид Акрам (50) патувал со индиски пасош, додека неговиот 24-годишен син Навид имал австралиски пасош. Нивна последна дестинација бил градот Давао, на југоистокот од островот Минданао, регион во кој е познато присуството на исламистички милитантни групи. Австралиските медиуми, повикувајќи се на безбедносни извори, наведуваат дека таткото и синот поминале „воена обука“, но оваа информација сè уште не е официјално потврдена.

(ВИДЕО) Бројот на жртви во терористичкиот напад во Сиднеј се искачи на 16 лица, напаѓачите биле татко и син

Истраги во тек и претходни сознанија

Полицискиот комесар на Нов Јужен Велс изјави дека „причините поради кои заминале, целта и каде престојувале додека биле таму моментално се испитуваат“. И филипинската армија соопшти дека засега не може да потврди дека двајцата имале „воена обука“ за време на престојот, додавајќи дека истрагата е во тек.

Според Би-би-си, Саџид и Навид Акрам биле приврзаници на терористичката група „Исламска држава“ во Сиднеј, а симболи и знамиња со такви пораки биле пронајдени во нивниот автомобил. Австралиската Еј-би-си објави дека Навид Акрам е роден во Австралија и дека пред повеќе од пет години бил испрашуван од полицијата поради блиски врски со ќелија на „Исламска држава“ во Сиднеј, но тогаш било проценето дека не претставува закана. Таткото Саџид Акрам пристигнал во Австралија во 1998 година и имал дозвола за огнено оружје за рекреативен лов, како и членство во стрелачки клуб.