Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, осомничени дека сториле кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Двајцата осомничени, во вечерните часови на 31 мај, предизвикале тешка сообраќајна несреќа со смртни последици. Првиот осомничен управувал автомобил „Опел астра“, а вториот осомничен – автомобил „Сеат леон“, тргнувајќи истовремено од бензинска пумпа на кружниот тек на влезот на Штип. Со брзина поголема од максимално дозволената се движеле по улицата “Брегалничка“, еден позади друг. Доближувајќи се до крстосница, наместо да ја намалат брзината, едното возило започнало да го претекнува другото и навлегло во коловозна лента за сообраќај од спротивна насока. Во тој момент, во таа лента се движел автомобил „Југо“, во кој се превезувале двајца сопружници. Возачот на автомобилот „Југо“ се обидел да го избегне автомобилот кој му доаѓал во неговата лента, но притоа директно удрил во другиот престигнуван автомобил. Како резултат на сударот и здобиените повреди, во несреќата починале двајцата сопружници.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Судот го прифати предлогот и на осомничените им определи притвор во траење од 30 дена.