Холандскиот премиер Марк Руте попладнево ги почнува преговорите за формирање нова коалициска влада по четвртата последователна победа на парламентарните избори, на што укажуваат денешните резултати од досега преброените гласови на 80 отсто од гласачкиот материјал.
Според националната агенција АНП, конзервативната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на досегашниот и иден премиер обезбеди 35 места, две повеќе отколку на последните избори за Долниот дом на парламентот, што брои 150 пратеници.
Руте изјави дека постојат шанси за речиси сигурна коалиција со левичарската проевропска партија „Д-66″, чиј лидер е поранешната дипломатка на ОН, Сигрид Каг. Според проекциите, нејзината партија освои 24 места, а тоа е нејзината најголема победа на изборите досега.
Руте додаде дека најголем предизвик пред неговата новата влада ќе биде борбата против епидемијата, и дека големата доверба што му ја укажаа гласачите го обврзува да стори се да успее во намерата.
Тој изрази надеж дека што поскоро ќе се формира новата парламентарна коалиција, за новата влада да може да ја продолжи со борбата против пандемијата, во која досега умреа над 16.000 лица, во земја со население од над 17 милиони луѓе.
Првиот состанок на лидерите на партиите е закажан за попладнево.
Друг голем победник на изборите е крајнодесничарскиот „Форум за демократија”, што освои осум места во парламентот, додека претходно имаше само две. За време на кампањата, лидерот на оваа партија вети дека ќе го укине затворањето на земјата поради коронавирусот.
Герт Вилдерс, лидерот на екстремно десничарската и антиимигрантска „Партија на слободата”, која на овие избори загуби три парламентарни мандати и во новиот состав ќе има 17 пратеници, денеска кажа дека тој повторно ќе ја предводи опозицијата во парламентот.
На изборите учествуваа рекордни 37 партии, а според денешните резултати, во новиот парламент влегоа дури 17.