Град Скопје обезбеди средства од сопствениот буџет за изградба на две целосно нови средни училишта, „Кочо Рацин“ во општина Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновци“ во населбата Драчево, општина Кисела Вода. Оваа одлука следува по официјалното усвојување на ребалансот на буџетот на Град Скопје.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека изградбата на двете училишта целосно ќе се финансира со сопствени средства на Градот Скопје. Тој нагласи дека со ова се прави суштински чекор кон целосно исполнување на ветувањето дадено во неговата предизборна програма.
Според него, учениците и наставниот кадар предолго функционирале и работеле во несоодветни услови, поради што изградбата на современи училишни објекти претставува еден од главните приоритети во образовните вложувања.
„Ниту едно дете не треба да ја гради својата иднина во услови што му го одземаат достоинството. Нашите ученици заслужуваат училишта во кои ќе влегуваат со радост, ќе учат со мотивација и ќе ги развиваат своите способности“, порача Ѓорѓиевски.
Тој појасни дека одговорното и домаќинско управување со градските финансии овозможило редукција на непродуктивните расходи, зголемена наплата на приходите и обезбедување повеќе ресурси за капитални инвестиции и субвенции наменети за граѓаните.
Како директна потврда за оваа финансиска состојба, градоначалникот информираше дека заклучно со 30 септември 2026 година, Град Скопје реализирал капитални инвестиции во износ од 1,1 милијарда денари.
Споредбено со истиот временски период од првите години на мандатите на претходните градски раководства, оваа реализација бележи пораст од 67,56 проценти во однос на 2018 година и за 35,27 проценти во однос на 2022 година.
Ѓорѓиевски потенцираше дека и во последниот квартал од годината интензивно продолжува реализацијата на предвидените проекти, а сите заштеди остварени во градската каса ќе бидат пренасочени кон училишните капацитети, патна инфраструктура и директна помош за скопјани.
„Зборот е збор. Градиме денес, за нашите деца да имаат подобро утре! Скопје се сака со дела“, порача Ѓорѓиевски.
