Претседателот на Здружението на приватни гинеколози и акушери ја напуштил средбата на која требало да се утврдуваат новите договорни решенија. Ова го соопшти Фондот за здравствено осигурување по одржаниот состанок.

Надлежните институции понудија формирање заедничка работна група за надминување на отворените прашања, нагласувајќи дека преговорите мора да се водат преку стручни аргументи, а не преку полемики во јавноста.

Претседателот на Здружението на приватни гинеколози и акушери, Георги Костадинов, ја напуштил работната средба со претставниците на Фондот за здравствено осигурување без да приложи конкретни образложенија за сопствените позиции, соопштија претставниците на Фондот реагирајќи на неговите јавни истапувања.

Фондот за здравствено осигурување изрази изненадување од тврдењата изнесени од страна на Костадинов, посочувајќи дека таквите настапи создаваат искривена слика за институционалната комуникација со приватните гинеколози и подготвеноста за соработка.

„На денешната средба, организирана токму за разгледување на предложените договорни решенија, наместо аргументирана дискусија, претседателот на Здружението не понуди конкретни образложенија за своите ставови и ја напушти средбата“, се наведува во официјалната реакција на институцијата.

Од Фондот потсетуваат дека на 28 октомври Костадинов и претставници на приватните гинеколози веќе оствариле средба со генералниот директор и стручните служби, каде што биле разгледани спорните прашања и било договорено дијалогот да продолжи во институционални рамки.

„Преговорите се водат на маса, со аргументи и конкретни предлози, а не преку создавање погрешна претстава во јавноста“, порачуваат надлежните од Фондот.

Основниот спор произлегува од барањето во договорите со матичните гинеколози таксативно да се прецизираат видот, обемот и зачестеноста на прегледите кои се покриени со утврдениот капитациски бод.

Од Фондот за здравствено осигурување појаснуваат дека овие материи се регулираат исклучиво со законски и подзаконски прописи и медицински стандарди, а не преку поединечните договори со докторите, со кои се утврдуваат исклучиво меѓусебните права, условите и начинот на исплата.

Фондот упати понуда за формирање заедничка работна група со членови на Здружението за анализа на предлозите, која при оправдана потреба би покренала иницијатива за законски и подзаконски измени.

„Фондот ги почитува приватните матични гинеколози како значаен дел од здравствениот систем и останува отворен за професионална соработка“, стои во соопштението.

Институцијата потенцира дека заштитата на правата на осигурениците, непречената достапност до здравствените услуги и примената на законските норми остануваат врвен приоритет во нивната работа.

„Фондот нема да дозволи јавните полемики да го заменат суштинскиот дијалог, бидејќи нашата заедничка обврска е да обезбедиме подобра, поквалитетна и подостапна здравствена заштита за граѓаните“, истакнуваат од Фондот за здравствено осигурување.