Црна Гора од 1 ноември 2026 година ќе воведе обврска за виза за државјаните на Белорусија, Кина, Русија, Саудиска Арабија и Турција. Одлуката е донесена со измените на Уредбата за визниот режим, со кои земјата целосно ја усогласува својата визна политика со онаа на Европската Унија.
Министерството за надворешни работи на Црна Гора денеска соопшти дека Владата на 23 јули 2026 година ја усвоила Уредбата за измени на Уредбата за визниот режим, а информацијата ја пренесоа и медиумите во регионот.
Од Министерството посочуваат дека со целосното усогласување на визната политика со Европската Унија е исполнет еден од последните критериуми за затворање на Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, како и една од клучните обврски од Агендата за реформи.
„Црна Гора целосно ја усогласи својата визна политика со визната политика на Европската Унија, со што исполни еден од последните критериуми за затворање на Поглавјето 24 од преговорите – Правда, слобода и безбедност, како и една од клучните обврски од Агендата за реформи. Ова ја потврдува посветеноста на нашата земја на европските интеграции, а создадени се услови за повлекување на околу четири милиони евра во рамките на Европскиот план за раст за Западен Балкан“, објавуваат црногорските медиуми.
Иако со новите правила на државјаните на одредени земји во иднина ќе им биде потребна виза за влез во Црна Гора, Министерството наведува дека интензивно работи на мерки кои ќе ги намалат можните негативни последици и ќе го поедностават процесот на добивање црногорска виза.
Во соопштението се истакнува дека една од најзначајните новини е тоа што барањата за црногорска виза повеќе нема да мора задолжително да се поднесуваат во дипломатско-конзуларните претставништва на Црна Гора.
Благодарение на соработката со компанијата „VFS Global“, барањата веќе можат да се поднесуваат во центрите за аплицирање „VFS“ во Индија, Бангладеш, Киргистан, Азербејџан, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Русија.
Во наредниот период вакви центри ќе бидат отворени и во Пакистан, Кина, Ерменија, Казахстан, Филипините, Катар, Саудиска Арабија, Бахреин, Белорусија, Непал и Узбекистан, а планирано е понатамошно проширување на мрежата и во Јордан, Кувајт, Тајланд и Индонезија.
На тој начин, посочува Министерството, странските државјани ќе можат да поднесуваат барања за црногорска виза во најблискиот центар за аплицирање „VFS“, без да патуваат до црногорските амбасади или конзулати, што треба значително да ја поедностави и забрза постапката.
Паралелно со тоа, Министерството за надворешни работи спроведува проект за воспоставување нов Визен информативен систем, кој ќе биде целосно компатибилен со информациските системи на Европската Унија и усогласен со шенгенските безбедносни стандарди.
Крајната цел на проектот е воведување електронски визен систем („е-Виза“), кој ќе овозможи барањата за виза да се поднесуваат електронски, со побрза обработка на апликациите и поефикасна услуга за странските државјани.
Од Министерството оценуваат дека со усогласувањето на визната политика со Европската Унија, Црна Гора исполнува една од важните обврски на патот кон членство во Унијата, а истовремено го модернизира визниот систем и го олеснува пристапот до земјата за граѓаните на бројни емисиони пазари.
„На овој начин се зајакнува безбедноста, дигитализацијата на јавната администрација и конкурентноста на Црна Гора како туристичка и инвестициска дестинација“, се наведува во соопштението.
