Независниот полициски синдикат пред салата „Борис Трајковски“ денеска објави дека се уште не е започната имунизацијата на полициските службеници, иако било ветено дека тие ќе бидат приоритетна група. Претседателот на синдикатот Гоце Делчев Тодев рече дека полицајците се една од ретките групи од јавниот сектор кои не ротираат и не работат од дома.

– Веднаш по пристигнувањето на првите вакцини за здравствените работници нам ни беше ветено дека следната пратка на вакцини што ќе ја добиеме ќе бидат наменето приоритетно за припадниците на МВР, тоа беше најавено и на самиот почеток на ,,масовната имуницазација“ тука во СЦ ,,Борис Трајковски“, но за жал еве сме на самиот крај од количината од 20.000 вакцини што ја добивме, а припадниците од МВР што се пријавија за вакцинирање сеуште не се имунизирани. Додека слушаме како се вакцинираат, пензионери, пожарникари, војници, судии, обвинители, војници и кои се не други служби, ние повторно го изгубивме приоритетот, рече Тодев.

Од таму бараат од министерството за здравство јавно да ги објави бројките по дејности колку лица се вакцинирани од МВР, АРМ, пожарникари, судии, јавни обвинители, пензионери и по кои редослед се вакцинираат истите.

– Ние како Независен Синдикат на Полицијата нема да дозволиме повторно полициските службеници да бидат извисени, како што бевме извисени со паричниот додаток за пандемијата што апсолутно сите земји од регионот го добија, исто како и со покачувањето на платата во кое ние бевме едни од ретките изоставени за покачување. Полициските службеници одбиваат да бидат ,,потрошен материјал“ и производ за една употреба, бараме веднаш да се продолжи со вакцинацијата на полицијата се додека не се вакцинира и последниот пријавен припадник, во спротивно се плашиме дека полициските службеници влегуваат во тивок штрајк и за многу брзо време ќе нема ниту кој да го спроведува полицискиот час, ниту кој да ги проверува лицата во изолација, ниту кој да ги чува лицата во затворите каде што се повеќе се појавуваат жаришта на вирусот, смета Делчев Тодев.