Инспекторите на Град Скопје доцна синоќа затекнале лице како фрла градежен шут и кабаст отпад околу контејнерите во Кисела Вода, создавајќи дива депонија. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека лицето е веќе санкционирано и нагласи дека таквата неодговорност нема да помине без последици.
„Додека нашите екипи деноноќно работат за почист град, поединци го уништуваат сработеното и ја загадуваат околината во која сите живееме. Таквата неодговорност нема да помине без санкција. Јасно кажав и останувам на зборот – нулта толеранција за секој што ги претвора јавните површини во депонии и го загрозува здравјето на граѓаните“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
Тој истакна дека инспекторите се на терен 24 часа и дека во тек е постапка за поставување камери на јавни површини, со цел побрзо откривање и санкционирање на прекршителите. „Скопје е наш заеднички дом. Да се однесуваме одговорно“, заклучи градоначалникот.
