Саудиска Арабија, Катар, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати денеска ги осудија изјавите на двајца израелски министри кои ги повикуваат Палестинците да го напуштат Појасот Газа.
Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир во понеделникот повика на враќање на еврејските доселеници во Газа по војната и да се охрабри палестинското население да емигрира, еден ден по сличниот повик на неговиот ултрадесничарски колега, министерот за финансии Безалел Смотрич.
Саудиското Министерство за надворешни работи соопшти дека „категорично ги осудува и отфрла изјавите на двајцата министри“.
Таа, исто така, ја повика меѓународната заедница да дејствува во однос на „упорноста на Владата на Израел да го прекрши меѓународното право со своите „изјави и дејствија“.
Катар, кој посредуваше за воспоставување на примирје меѓу Израел и палестинскиот Хамас кон крајот на ноември, исто така остро ги осуди изјавите на двајцата министри.
„Политиката на колективно казнување и принудно раселување што ја применуваат окупаторските власти против жителите на Газа нема да го смени фактот дека Газа е палестинска земја и ќе остане палестинска“, се вели во соопштението на катарското Министерство за надворешни работи.
Кувајт го следеше водството на другите соседи од Персискиот залив и предупреди против „плановите на Израел за раселување на жителите на Газа, особено на палестинскиот народ“.
Обединетите Арапски Емирати, кои ги нормализираа односите со Израел во 2020 година, исто така остро ги осудија, како што се наведува, екстремистичките изјави на израелските министри.
Тие изјави ги осудија и САД, Франција и ЕУ.
Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, која вклучува екстремно десничарски и ултраортодоксни еврејски партии, веќе е обвинета за зајакнување на позицијата на доселениците на Западниот Брег, палестинска територија окупирана од Израел од 1967 година.