Шест лица од селото Просениково се осомничени дека насилно упаднале во дом во струмичкото село Сарај, претепале шестмина возрасни и две деца и се обиделе против нејзина волја да одведат жена. При полициската интервенција, еден од осомничените нападнал и двајца полициски службеници. Сите шестмина биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица во Струмица.

Инцидентот се случил на 24 јули околу 21.20 часот во куќата на К.Ѓ. во селото Сарај. Осомничените, на возраст од 21 до 49 години, насилно влегле во објектот и физички ги нападнале присутните, нанесувајќи им телесни повреди.

Двајца од нив, Т.Ј. и Г.Т., се обиделе насилно да ја извлечат и да ја одведат Р.Ѓ. против нејзината волја. Поради тоа, покрај за насилство, тие се товарат и за кривично дело противправно лишување од слобода.

Кога на местото пристигнала полицијата, 22-годишниот Б.Д. агресивно им се спротивставил на полициските службеници и физички нападнал двајца од нив.

За време на инцидентот, сопственикот на куќата излегол на терасата и испукал два истрела во воздух од ловечка пушка. По целосното документирање на случајот, полицијата најави дека и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривични пријави против шестмината осомничени, а за случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, кој ја води понатамошната постапка.