Партнерството, кое првично беше објавено во 2021 година, ѝ дава на Австралија пристап до подморници на нуклеарен погон, кои се технолошки понапредни и одбранбено поспособни од оние на конвенционален погон. Американскиот претседател, Бајден во своето обраќање нагласи дека подморниците се „на нуклеарен погон, но не носат нуклеарно оружје“
Лидерите на Соединетите Американски Држави (САД), Австралија и Велика Британија го обајвија планот кој предвидува Австралија да купи подморници на нуклеарен погон за да ја обнови својата поморска флота и како одговор на се поголемото влијание на Кина во Индо-Пацифичкиот регион.
Американскиот претседател Џо Бајден по повод објавувањето на планот вчера отпатува во Сан Диего на разговори со австралискиот премиер Ентони Албанезе и британскиот премиер Риши Сунак за партнерството наречено АУКУС, според акронимите од имињата на Австралија, Обединетото Кралство и Соединетите држави.
Партнерството, кое првично беше објавено во 2021 година, ѝ дава на Австралија пристап до подморници на нуклеарен погон, кои се технолошки понапредни и одбранбено поспособни од оние на конвенционален погон, наведува Асошиејтед прес.
Американскиот претседател Бајден, во своето обраќање, нагласи дека подморниците се „на нуклеарен погон, но не носат нуклеарно оружје“, пренесува Ројтерс.
„Овие подморници нема да имаат никакво нуклеарно оружје од каков било вид“, рече тој на церемонијата во воената база Поинт Лома во Сан Диего, каде што беше придружуван од Албанез и Сунак.
Австралискиот премиер рече дека договорот „претставува најголема поединечна инвестиција во одбранбената способност на Австралија во целата наша историја“. Тоа е, исто така, првпат во 65 години САД да ја споделат својата технологија за нуклеарен погон, „и ние ви благодариме за тоа“, рече тој.
Сунак, пак го нарече АУКУС „најзначајното мултилатерално одбранбено партнерство“. Тој истакна дека Велика Британија, исто така, ќе го сподели своето 60-годишно искуство во управувањето со сопствената флота на подморници со австралиските инженери „за да можат да изградат сопствена флота“.
Во заедничка изјава пред официјалната церемонија, лидерите соопштија дека нивните земји работеле со децении на одржување на мирот, стабилноста и просперитетот низ целиот свет, вклучително и во Индо-Пацификот.
„Ние веруваме во свет кој ја штити слободата и ги почитува човековите права, владеењето на правото, независноста на суверените држави и меѓународниот поредок заснован на правила“, се вели во соопштението, објавено пред нивниот заеднички настап во Сан Диего.
„Чекорите што денеска ги најавуваме ќе ни помогнат да ги унапредиме овие заемно корисни цели во децениите што доаѓаат“, најавија тие.
Според договорот, САД имаат намера на почетокот на следната деценија на Австралија да ѝ продадат три американски подморници на нуклеарен погон од класата „Вирџинија“, произведени од „Џенерал динамикс“, со можност Австралија да купи уште две доколку е потребно, се наведува во заедничкото соопштение.
Се наведува дека проектот ќе кулминира со британско и австралиско производство на нова класа подморници ССН-АУКУС, односно „трилатерално развиена“ подморница заснована на британски дизајн.
Следната генерација на подморници ќе биде изградена во Велика Британија и Австралија со американска технологија и поддршка.
Тајното посредување за АУКУС вклучуваше откажување на договорот вреден 66 милијарди долари што Австралија претходно го имаше склучено со Франција за набавка на подморници на конвенционални подморници. Ова предзвика дипломатски конфликт во западната алијанса кој траеше со месеци, потсетува агенцијата АП.
Пекинг го осуди партнерството АУКУС оценувајќи го како нелегален чин на ширење на нуклеарното оружје.
„Планот предизвикува сериозни ризици од ширење на нуклеарното оружје, го поткопува меѓународниот систем за неширење на овој вид оружје, поттикнува трка во вооружување и им штети на мирот и стабилноста“, објави на Твитер постојаната мисија на Кина во Обединетите нации.
Прашан дали е загрижен дека Кина може да го сфати договорот за подморницата АУКУС како агресија, Бајден одговори – „не“. Тој исто така додаде дека наскоро очекува да разговара со кинескиот лидер Си Ѓинпинг, но не кажа кога.
Проектот ќе чини 368 милијарди австралиски долари (245 милијарди американски долари) до 2055 година. Како дел од АУКУС, Вашингтон споделува нуклеарна технологија за прв пат од 1950-тите кога тоа го направи со Велика Британија.
Австралискиот премиер ги брани големите трошоци, нагласувајќи дека тоа е „економски план, а не само план за одбрана и безбедност“.
Тој рече дека очекува АУКУС да резултира со 6 милијарди австралиски долари инвестирани во индустрискиот капацитет на Австралија во следните четири години и да отвори околу 20 000 директни работни места во следните 30 години.
Австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс вели дека тоа е инвестиција во безбедноста на нацијата која не треба да ја пропуштат.