Во семејниот дом на улица „Њуделхиска“, на 18 март, обвинетиот со умисла извршил две временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно сторување на истото кривично дело. При вршење семејно насилство тој телесно ги повредил неговите родители. Манифестирајќи агресивно однесување затоа што не добил парични средства за роденден, обвинетиот започнал со клоци да удира на вратата од собата на неговите родители и насилно влегол внатре. Најпрвин го нападнал неговиот татко, удирајќи го со тупаници по главата и кубејќи му еден прамен од косата. Потоа со употреба на физичка сила ја нападнал и сопствената мајка, која пристапила во одбрана на сопругот, удирајќи ја со клоци во главата и во левиот колк. Од ударите двајцата родители се здобиле со телесни повреди.
Надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, бидејќи постои опасност од бегство и можност тој да го повтори делото.