Македонската јавност е во шок по двете убиства на лицата кои претходно беа исчезнати. Она што сега е јасно дека на потег е обвинителството кое треба соодветно да ја заврши целата постапка, а убијците да добијат соодветни и драстични казни.
Обвинителството отвори истражна постапка за петмина за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Четворица се сомничат дека како соизвршители сториле две кривични дела – грабнување и две убиства на свиреп начин, едно на малолетно лице и едно од користољубие. Петтиот осомничен, таткото на Вања, ќе се гони за грабнување на малолетно лице.
„Постои основано сомнение дека на 22-ри ноември четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил „Цитроен“ за тие да го искористат за грабнување малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените. На 27-ми ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот цитроен“, стои во соопштението од ОЈО Скопје.
Адвокати објаснуваат – за убиство на свиреп начин предвидена е затворската казна од најмалку 10 години со можност и за доживотен затвор. За делото грабнување на малолетно лице, таткото може да одговара како за основна форма на убиство.
За четворица осомничени надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка определи 30 дена притвор. Исто толку му е одредено и на Палевски, а два дена во притворското одделение во Шуто Оризари ќе мине и возачот кој го возел првоосомничениот до Турција.
Извор: МРТ