Трамп вели дека Техеран го контактирал по нападите врз ирански воени цели

Доналд Трамп тврди дека Иран покажал интерес за постигнување договор по последните американски воени напади врз ирански позиции. Според него, претставници на иранското раководство веќе побарале контакт со цел да се постигне договор.

„Тие се јавија пред некое време. Тие се толку очајни да постигнат договор“, изјави американскиот претседател.

Изјавата на Трамп доаѓа откако американската војска објави дека извршила напади врз повеќе од 90 ирански воени цели.

Трамп нападите ги нарече „одмазда“

Американскиот претседател оцени дека нападите биле одговор на претходни активности и ги опиша како „одмазда“.

Трамп даде изјава за време на краткото запирање во Велика Британија, на пат од Турција. Тој од Сафолк, од базата РАФ Милденхол, го продолжи патувањето со нов авион „Ер Форс Уан“, кој му беше подарен од Катар.

Претходно Трамп негираше дека неговото користење на постар авион при заминувањето од Турција било поврзано со безбедносни причини.