Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека од 1 јули до 31 август 2026 година ќе биде во сила целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште на територијата на државата, поради зголемената опасност од појава на шумски пожари.
Како што информира Министерството, одлуката е донесена согласно насоките на Владата и по барање на корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја. Согласноста е издадена врз основа на член 57, став 3 од Законот за шумите, со цел превенција и намалување на ризикот од пожари на отворен простор.
Во наведениот период, движењето низ шумите ќе биде дозволено исклучиво со претходно добиено писмено одобрение од надлежните подружници на ЈП „Национални шуми“ или од управите на националните паркови, во зависност од подрачјето.
Од Министерството потсетуваат дека за непочитување на забраната се предвидени високи парични казни. Согласно член 106 од Законот за шумите, физичките лица кои ќе бидат затекнати да се движат во шума или на шумско земјиште без дозвола ќе се соочат со глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.
Надлежните апелираат до граѓаните да ја почитуваат забраната и да придонесат кон заштитата на шумите и спречувањето на пожари во текот на летниот период.
