Вкупно 61 правно лице добило одобрение за одгледување канабис за медицински цели од моментот кога тоа беше дозволено со закон во 2017 година, покажуваат податоците на Владата, објавени по интерес на јавноста поврзан со неодамнешната заплена на пет тони марихуана со потекло од Македонија во Србија.
Информацијата ја објави неделникот „Фокус“, кој побара официјален одговор за бројот на издадени лиценци, откако македонски компании дојдоа во фокусот на јавноста по полициската акција во село кај српскиот град Крушевац.
„Ви посочуваме дека во периодот од стапување на сила на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции (објавен во Службен весник на Република Македонија 27.12.2017 година) до 3 февруари 2026 година Владата донела одлуки за давање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели за 61 правно лице“, одговориле од Владата на прашањето на порталот за бројот на вакви фирми.
Од Владата појаснуваат дека во моментов активни се 43 правни лица кои одгледуваат канабис за медицински цели, додека на 14 компании им е одземено одобрението поради неисполнување на законските услови.
„Владата за 14 правни лица донела одлуки за одземање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, поради неисполнување на законските услови. Исто така, Ве информираме дека во тек е постапка за одземање на одобренијата за четири правни лица“, велат од Владата за „Фокус“.
Во рамки на големата полициска акција во Србија, поврзана со рекордната заплена на марихуана, уапсен е и Иван Драгниќ, косопственик на компанијата за производство на канабис „Алфафарм“, регистрирана во Скопје.
Македонската полиција и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера и денеска вршат претреси на локации во Скопје и во Струмичко, кои, според неофицијални информации, се поврзани со оваа компанија.
