Според синоќешните најави, денеска се очекува да се нормализира автобускиот сообраќај во Скопје, откако вчера Владата донесе одлука на јавното сообраќајно претпријатие да му позајми нафта за следните седум дена од државните резерви.

Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје Драги Кушовски синоќа за МИА потврди дека нафтата пристигнува во базните станици на претпријатието во Автокоманда и Ѓорче Петров и оти во текот на ноќта резервоарите на автобусите ќе бидат наполнети.

-Сите автобуси што се во возна состојба утре редовно ќе сообраќаат, изјави Кушовски.

За денеска во 14:00/14:30 часот се најавени јавни протести поради состојбата со превозот во градот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ кои ќе се приклучат на протестот што ќе се одржи пред бараките на Град Скопје.

Координаторите на советничките групи на Советот на Град Скопје, синоќа на вонредна седница постигнаа консензус и донесоа заклучок со којшто ја поздравија одлуката на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.

На почетокот на седницата, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска изрази благодарност до Владата, апелирајќи до советниците да го следат позитивниот пример. За кризата во ЈСП, Арсовска рече дека не е резултат на несоодветното менаџирање на претпријатието, туку поради што редовната јавна набавка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.

– Она кое што се случи вчера, а тоа е да застане превозот поради недостаток на нафта, морам да кажам дека не е предизвикано од тоа што некој несоодветно си ја завршил својата работа, туку е предизвикано од тоа што во редовна јавна набавка, односно постапка за јавна набавка, која што во рок е завршена за да нема никакви проблеми, беше предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки и истата беше поништена, и покрај тоа што се работи за јавна набавка која што е за суштинскиот енергенс, рече Арсовска.