Врз основа на оваа анализа, Царинската управа предлага при набавката на возилата од страна на државните институции да се земат предвид возила сo потекло од земјите со кои нашата држава има договор за користење на преференцијални стапки за увоз на нови возила од 0 проценти царина, како ЕУ, Турција или Велика Британија.
– При набавка на возила од долна или средна класа, од страна на институциите, истите да бидат со вредност при увоз до 10.000 евра со цел за нив да не се плаќа вредносна компонента при пресметка на данокот за моторни возила (ДМВ), бидејќи до таа вредност данокот е 0 проценти. Возилата да бидат со бензински мотор, со оглед дека еколошката компонента при пресметка на ДМВ кај возилата со бензински мотори е за 50 отсто пониска по износ од возилата со дизел мотори, велат од Влада.
Од таму уште додават дека доколку од страна на институциите се набавуваат хибридни возила задолжително да бидат со систем на полнење со електрична струја (plug in hybrid) и комбинирани со бензински мотори, бидејќи на тој начин се користи намален ДМВ за 50 проценти во однос на редовниот ДМВ и дополнително понизок износ заради користење на бензински мотор.
– Понатаму, да се има предвид дека електричните возила се целосно ослободени од плаќање ДМВ со што се намалува и основицата за пресметка и на ДДВ-то за возилата, а трошоците за гориво се целосно елиминирани во текот на нивната експлоатација, соопштија од Влада.
Врз основа на оваа анализа и предлози, Владата денеска поведе дискусија за стратегијата на Владата при набавка на моторни возила и врз основа на дополнителната информација на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), заклучи дека во овој момент на пазарот има недостиг на понуди за соодветни возила за потребите на Владата и нејзините служби.
– Оваа ситуација, покажа расправата, се очекува да има позитивен пресврт кон средината на идната година и беше донесен заклучок сите владини институции во следните набавки задолжително да планираат понуди на електрични или хибридни возила или возила кои користат најмалку загадувачки горива, информираат од Влада.
Овие заклучоци како идна пракса при набавка на моторни возила, Владата ќе им ги препорача и на локалната самоуправа, како и на сите институции од управата, правосудните органи и другите буџетски корисници.