Владата вечерва соопшти дека Предлог-законот за амнестија поднесен од Министерството за правда е вратен на дополнително усогласување со надлежните институции, а претходно во јавноста излегоа информации дека оваа одлука не му се допаднала на министерот за правда, Кренар Лога кој ја напуштил седницата и најавил оставка.
Од Кабинетот на министерот за „Фокус“ велат дека „нема вистина во тоа дека министерот поднел оставка на седницата на Влада“.
Законот за амнестија е предлог нацрт закон кој е изготвен во Министерството за правда. Според Министерството, станува збор за олеснување на состојбата со пренатрупаноста во казнено поправните установи.
Во законот не е предвидено и намалување на казната за осудените за настаните на 27 април во 2017 година во Собранието. Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени за кривични дела против државата, во кои спаѓа и делото терористичко загрозување на уставниот поредок, за кое беа осудени инволвираните во настаните на 27 април.