ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение оценува дека македонската економија бележи значително забрзување, посочувајќи го растот од 1,6 проценти во 2024 година на 4,3 проценти во вториот квартал од 2026 година како доказ за успешноста на економските политики на Владата.

-Најновите податоци за вториот квартал од 2026 година покажуваат реален економски раст од 4,3 проценти.

И не станува збор за раст поттикнат од само еден сектор.

Инвестициите пораснаа за 16,5 проценти, извозот на стоки и услуги за 10,4 проценти, а градежништвото бележи висок раст од 21,9 проценти.

Позитивни резултати се забележуваат и во преработувачката индустрија, трговијата, транспортот, угостителството и ИКТ секторот.

Тоа значи дека економската активност се зголемува на повеќе фронтови истовремено, се инвестира повеќе, се произведува повеќе, се извезува повеќе и се создаваат услови за нови работни места и нови инвестиции.

Особено важно е што економскиот раст не е проследен со нов инфлаторен притисок. Напротив, додека економијата забрзува, инфлацијата се намалува и денес изнесува 2,3 проценти.

Затоа, овие бројки не се само статистика. Зад нив стојат повеќе инвестиции, поголема економска активност, нови можности за бизнисите и подобри услови за раст на платите и животниот стандард.

Економскиот раст не е цел сам за себе. Тој е средство за подобар живот на граѓаните.

Затоа продолжуваме со јасна и предвидлива економска политика, со силна поддршка за инвестициите и приватниот сектор, реализација на капиталните проекти и создавање стабилно економско опкружување во кое компаниите можат да растат и да отвораат нови работни места.

За само две години, економијата премина од раст од 1,6 проценти на 4,3 проценти. Тоа е мерливо, широко распространето и реално економско забрзување.

Економските политики на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ даваат резултати, велат од владејачката партија.