Покрај скратувањето на полицискиот час и дозволата угостителски објекти да работат до 22:30 часот, до надлежните пристигнале барања за отворање на салите за вежбање и зголемување на бројот на деца во градинките, но, министерот Филипче информираше дека Комисијата за заразни болести смета дека е сè уште рано за тоа.
– Има препорака за 14 -невен карантин за сите патници кои доаѓаат од Индија и од Бразил, заради тоа што таму се случува еден силен притисок и бран, треба да видиме дали тој сој на вирусот има значајно поразлични карактеристики од овој што беше сега, а тоа е британскиот сој, посочи вчера Филипче.
Тој, меѓудругото, информира дека дел од болничките одделенија во враќаат во нормална работа, како што е одделението за урологија, за пластична хирургија, како и Клиниката за кардиологија.
Во однос на вакцинацијата, министерот смета дека одѕивот за вакцинирање треба да биде поголем и апелира до граѓаните да се пријавуваат на сајтот „вакцинација.мк“ за кој вели дека функционира беспрекорно и нема никакви проблеми при закажувањето.
Во текот на завчерашниот ден, како што кажа Филипче, од 9.000 граѓани кои добиле термин за вакцинирање, само половина или 4.500 се пријавиле за вакцинирање.
Тој соопшти дека процесот на вакцинација ќе се заокружи со министрите со оглед на тоа што имаат закажано патувања, а најави и продолжување на вакцинацијата на вработените во критичната инфраструктура.
Засега, не се дозволува избор на вакцина, бидејќи, како што рече Филипче, сите вакцини се безбедни и не се забележани контраиндикации, освен за вакцината на „Астра Зенека“ која не се дава на лица помлади од 60 години.
Очекувањата се дека во текот на мај треба да пристигнат близу 50 илјади вакцини „Фајзер“, односно секој понеделник по приближно 10 илјади вакцини, а околу 14-15 мај, во зависност од тоа како ќе биде организиран транспортот, се очекува да пристигне и дополнителната количина од „Синофарм“ обезбедена преку Министерството за одбрана.
– Тоа се чини дека ќе биде доволна бројка да се надополни системот на вакцинирање, рече Филипче.
За бремените жени и доилките кои пријавиле интерес да се вакцинираат со „Фајзер“, бидејќи според некои нивни согледувања, оваа вакцина е најсоодветна за нив, Филипче рече дека доколку има такви сознанија, ќе им се излезе во пресрет на овие лица.
Во однос на тоа дали се размислува за мобилни екипи кои би ги вакцинирале лицата кои живеат најоддалечено од местата на вакцинирање, Филипче рече дека постои таква можност, нагласувајќи дека вакви тимови веќе функционираат за неподвижните лица и за оние кои се сместени во старечките домови.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека граѓаните, кои при закажување на веб страницата vakcinacija.mk направиле погрешен избор на локацијата каде сакаат да се вакцинираат, можат до отидат во кој пункт сакаат и да ја прикажат пораката што ја добил за вакцинација.
– Доколку доказот дека има термин е валиден, лицето ќе се вакцинира, веднаш, наведува МЗ.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера изјави дека Владата ги носи одлуките според препораките на Комисијата за заразни болести.
– Во овој момент очите се свртени кон Комисијата за здравство и тоа ни е единствената точка според која ги носиме економските одлуки. Со последната одлука на Владата им дозволивме на угостителските објекти кои се категоризирани за организирање настани да работат под истите услови како што работат и сите други угостителски објекти, а тоа е да работат на отворени тераси и според протоколите. Зборувавме за евентуално дополнително приспособување на протоколите за работа на оваа категорија на угостители, рече Битиќи во одговор на прашање по увидот на зафатната градба на Хидросистемот Злетовица за водоснабдување на Штип, Свети Николе, Лозово и Карбинци.
Тој ја отфрли можноста во овој момент да се дозволи организирање свадби во земјава, напоменувајќи дека актуелните протоколи за работа на угостителските објекти важат до 15 мај, кога ќе се ревидираат согласно препораките од Комисијата за заразни болести.
Вчера беа регистрирани нови 323 случаи на коронавирусот од 2.928 тестирања, 24 починати, меѓу кои и едно 32-годишно лице од Скопје. Министерството за здравство регистрираше и 714 оздравени пациенти.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 153 137, на оздравени пациенти е 135 367, на починати 5.016, а бројот на активни случаи изнесува 12 754. Од активните случаи, најмногу има во Скопје 5916, потоа Куманово 969, Битола 792, Прилеп 530, Тетово 507, Охрид 449 и Велес 447. Во другите градови има под 400 активни случаи.