Учениците ќе се пријавуваат преку порталот на МОН, објавени се и слободните места по училишта

Од утре стартуваат уписите во јавните средни училишта за учебната 2026/2027 година. Министерството за образование и наука ги потсетува деветтоодделенците дека пријавувањето и оваа година ќе се реализира по електронски пат преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk.

Учениците ќе можат да се најават со своите постоечки кориснички сметки од системот schools.mk и електронски да ја поднесат пријавата за запишување.

Првото пријавување во јунскиот уписен рок ќе трае од 12 до 15 јуни. Потребната документација до училиштата ќе се доставува на 16 и 17 јуни.

Конечните ранг-листи со резултатите од запишувањето, како и информациите за преостанатите слободни места, училиштата треба да ги објават на 18 јуни.

Следуваат уште два уписни термина

Второто пријавување во рамки на јунскиот рок е закажано за 23 јуни, додека документацијата ќе се доставува на 24 јуни.

Третото пријавување е предвидено за 20 август.

Конкурсот со бројот на слободни места во јавните средни училишта е достапен на веб-страницата на Министерството за образование и наука.

На учениците им е достапен и онлајн водичот за квалификации, преку кој можат полесно да се информираат за образовните профили и струки што ги нудат училиштата.

Од Министерството посочуваат дека оваа алатка може да им помогне на идните средношколци полесно да изберат насока за понатамошното образование и професионален развој.