ЈП „Улици и патишта“ – Скопје утре наутро ќе ја санира оштетената заштитна пешачка ограда на мостот „Близнак“. Работите ќе се изведуваат од 6 до 8 часот на булеварот „Киро Глигоров“, во насока кон населбата Аеродром.
Активностите ќе го опфатат потегот од крстосницата со улицата „Индустриска“ до крстосницата со булеварот „АСНОМ“. Ќе бидат заменети и монтирани оштетените оградни елементи.
За време на работите ќе биде затворена крајната лева сообраќајна лента, а другата лента во насоката на движење ќе остане отворена.
„Поради изведба на работите ќе биде затворена крајната лева сообраќајна лента која ќе биде обележана со соодветна сообраќајна сигнализација за насочување на учесниците во сообраќајот, а останатата сообраќајна лента во насоката на движење останува слободна за непречено одвивање на сообраќајот“, соопшти ЈП „Улици и патишта“ – Скопје.
Од претпријатието апелираат учесниците во сообраќајот да бидат трпеливи додека траат работите и да ја приспособат брзината на условите на патот.
