Министрите на денешната владина седница разговарале за можноста околу намалување на коефициентите со кои се пресметува функционерската плата откако Уставен суд одлучи со укинување на два члена платите на функционерите да се зголемат дури и за 78 отсто. Од Владата соопштија дека темата околу намалување на коефициентите била спомената, но сепак одлука не била донесена.

Од Владата најавија дека ќе го нормализираат драстичното зголемување на функционерските плати со измени во Законот за плати и надоместоци на функционерите. Основицата со која од сега ќе се пресметува нивната плата е просечната бруто плата од минатата година која е во износ од 47.700 денари. Ако на ова се додаде и коефициентот со кој се пресметуваат платите, се добива од 55 отсто до 78 отсто зголемување на платите.

Па така претседателот на државата и претседателот на собранието би имале околу 140.000 денари плати или 2.300 евра, а министрите би имале околу 1.800 евра плата. Зголемување ќе имаат сите функционери, вклучувајќи ги и уставните судии кои ја донесоа одлуката.

Од Владата велат дека следната седница сигурно ќе се расправа за ова прашање. Во меѓувреме институциите веќе ја прават пресметката на мартовската плата, во која ќе биде вкалкулирано зголемувањето.