Од 1 февруари досега во масовните протести против воениот удар во Мјанмар се убиени најмалку 138 демонстранти, наведуваат Обединетите нации.
-Меѓу загинатите има жени и деца, изјави денеска во Њујорк портпаролот на ОН, Стефан Ѓујарик, повикувајќи се на бројките на Комисијата за човекови права на организацијата.
За време на викендот, додаде тој, дојде до влошување на ситуацијата во оваа земја од Југоисточна Азија, кога најмалку 18 демонстранти беа убиени во саботата и уште 38 во неделата.
Во меѓувреме, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, остро го осуди актуелното насилство врз мирните демонстранти и го повтори својот повик до меѓународната заедница да го поддржи народот на Мјанмар и нивната потрага по демократија по пучот од 1 февруари, со кој насилно беше соборена демократски избраната цивилна влада.