Македонската дијаспора треба активно да се вклучи во економскиот развој на земјата и да ја гради својата иднина во татковината, порача премиерот Христијан Мицкоски на прием во Њујорк. Настанот беше организиран вчера по повод 35-годишнината од независноста на Македонија.
На приемот присуствуваше високата владина делегација предводена од Мицкоски, која учествува на Генералното собрание на Обединетите нации, како и дипломатски претставници, истакнати Македонци и припадници на други етнички заедници од дијаспората.
Во обраќањето, премиерот им се заблагодари на присутните за нивниот придонес кон земјата и нагласи дека Македонија секогаш останува отворена за своите иселеници.
„Би сакал да се заблагодарам на сите што се оваа вечер овде со нас. Ви благодарам за се што правите за Македонија. Минатото никогаш не треба да го заборавиме, секогаш треба да си спомнеме за него, да учиме поуки и да не ги повторуваме грешките од минатото. Македонија е вашата татковина. Вратата дома секогаш ви е отворена. Целта на оваа македонска Влада е што повеќе македонски граѓани да се вратат во својата татковина, таму да инвестираат, таму да ја градат иднината на своите семејства, и таму да се грижат, заедно со Македонците и со останатите наши сограѓани за иднината на Македонија. Дојдете, инвестирајте, создавајте во вашата татковина“, изјави Мицкоски.
Пред присутните претставници на дијаспората и странските гости, премиерот се осврна и на економската состојба во Македонија, ставајќи акцент на стапката на економски раст.
Тој оцени дека политичката стабилност во земјата создава услови за спроведување реформи и постигнување економски резултати.
„Во моментот можеби имаме најстабилна Влада во Европа, со отприлика двотретинско мнозинство во Парламентот. Таа стабилност гарантира реформи и испорака на економски резултати“, изјави премиерот Мицкоски, посочувајќи го растот на бруто-домашниот производ од 4,3 проценти.
Мицкоски се осврна и на војните и кризите во Европа и на Блискиот Исток, како и на нивните последици врз енергетскиот сектор. Според него, и покрај сложените меѓународни околности, состојбата во Македонија останува стабилна.
„Од друга страна, во услови кога на границите на Европа се водат жестоки војни, војната во Украина, кризата во арапскиот залив, енергетска криза каква што човештвото не памети. Сепак состојбата кај нас е прилично стабилна. Македонија е сè што имаме и затоа вреди да се бориме за нејзино подобро утре. Ја очекувам вашата поддршка заеднички да ја исцртаме иднината за нашата татковина и на граѓаните кои што живеат таму“, изјави Мицкоски.
