Педесет и тригодишен жител на Гостивар пријавил во полиција дека не добил лекарска помош во Ургентниот центар во градот, каде што побарал интервенција поради болки во стомакот, по што, според неговата пријава, бил отстранет од просториите од страна на обезбедувањето.
Како што соопштија од СВР Тетово, А.И. (53) од Гостивар вчера во 00:30 часот го пријавил случајот во Полициската станица во Гостивар.
Тој навел дека околу 23:40 часот побарал лекарска помош во Ургентниот центар во Гостивар поради болки во стомакот, но дежурниот лекар, според наводите во пријавата, одбил да му укаже помош или да го упати во друга здравствена установа.
Потоа, како што пријавил граѓанинот, службениците од обезбедувањето го отстраниле од просториите на Ургентниот центар.
Од СВР Тетово соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на пријавениот случај.
