Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, за време на надзорната расправа во Комисијата за финансирање и буџет отвори прашање за јавната комуникација на опозицијата поврзана со банкарскиот систем. Тој истакна дека секое изнесување тврдења за стабилноста на штедните влогови носи огромна општествена одговорност и побара правна разрешница за изјавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Во својот говор пред пратениците и претставниците на институциите, Петрушевски цитираше низа соопштенија и медиумски настапи на опозицискиот лидер кои, според него, директно ја поткопуваат довербата на граѓаните во финансискиот сектор.

„Прво, на 31 октомври 2026 година на прес-конференција Венко Филипче изјавува: Мицкоски и Трајко Славески се дел од оваа мафијашка мрежа во Србија. Во истата изјава зборува за сомневања дека капиталот на Алта банка потекнува од криминал, корупција и шверц на дрога. Истовремено предупредува на стампедо пред експозитурите на банката и прашува дали се загрозени депозитите на граѓаните и јавните претпријатија. На денешната надзорна расправа сите надлежни институции недвосмислено потврдија дека нема сомнителни трансакции помеѓу Алта банка АД Битола и српски субјекти ниту во обратна насока освен вообичаените трансакции поврзани со увоз и извоз на стоки“, вели Петрушевски.

Тој понатаму посочи на соопштение од почетокот на месецот во кое се тврдеше дека парите на вложувачите ќе останат заробени, иако официјалните регулаторни тела потврдија дека банката располага со ликвидност и дека се активирани сите механизми за заштита.

„Второ, на 1 ноември на официјалната веб страница на СДС е објавено соопштение со наслов „Парите од криминалните тендери на ВМРО ОКГ“ и Вучиќ продолжуваат да се „перат“, а парите на народот заробени. Во ова соопштение се тврди дека парите на граѓаните во Алта банка ќе останат заробени, додека парите од криминалните тендери ќе продолжат да се „перат“. Иако на денешната расправа сите надлежни институции потврдија дека Алта банка е ликвидна, дека нема оштетени граѓани и дека навремено се преземени сите административни мерки за заштита на граѓаните и ликвидноста на банката. Трето, на 2 ноември на прес-конференција во Собранието Венко Филипче изнесува исклучително сериозни обвинувања. Цитирам: Христијан Мицкоски, организираната криминална група и гувернерот Трајко Славески очигледно е дека ќе помогнат да се опљачкаат помеѓу 150 и 180 милиони евра од граѓаните. Исто така на таа прес-конференција е битно да потенцирам и една негова изјава која гласи: стравуваме дека ќе има домино ефект и врз други банки, затоа што веќе други граѓани коишто немаат сметка во Алта банка од утрово ни се јавуваат и ни кажуваат дека си ги проверуваат своите депозити и своите пари во други банки и ја проверуваат достапноста на истите тие средства“, потенцираше Петрушевски.

Пратеникот нагласи дека ваквите наводи претставуваат свесно предизвикување неизвесност кај пошироката јавност и кај лица кои воопшто немаат сметки во оваа конкретна финансиска институција.

„Ова не е само политичка критика кон една банка или кон гувернерот. Ова е јавно пласирање на тврдења за можен домино ефект врз други банки и за загрозена сигурност на депозитите на граѓаните кои воопшто немаат сметки во Алта банка. Истиот ден Филипче изјавува оваа криминална власт кај нас во Македонија предводена од Христијан Мицковски е арамиска и криминална, потоа прашува како граѓаните ќе си ги повлечат парите и ја квалификува изјавата на гувернерот во врска со отплатата на кредитите како врв на безобразлук. Денес надлежните институции јасно објаснија и за начинот и динамиката на исплатата на граѓаните при што беше потврдено дека нивните средства на сметките на банката не се доведени во прашање. И уште една квалификација. Ова е заштита на криминал на капитал на криминалците на сметка на граѓаните чии депозити се заробени. И овие тврдења денес беа демантирани од гувернерот кој појасни дека административните ограничувања се однесуваат на правните субјекти и дека банката има добра ликвидност“, наведе Петрушевски.

На крајот од своето излагање, Петрушевски се обрати со три директни прашања до присутниот јавен обвинител Ненад Савески, барајќи институционална реакција за изнесените тврдења.

„И вакви примери има многу, но на крајот би ве прашал конкретно дали јавното обвинителство ги има регистрирано и дали ги испитува овие конкретни јавни изјави и соопштенија на политичката партија СДС и дали е отворен предмет по овие наводи. Второ, дали Венко Филипче е повикан или ќе биде повикан да даде исказ во јавното обвинителство во врска со овие конкретни тврдења за криминал, трговија со дрога, перење на пари. Доколку изнесува вакви сериозни тврдења и обвинувања, дали од него ќе биде побарано да ги презентира и доказите врз основа на кои ги изнел овие тврдења во јавноста. И трето, дали обвинителството ќе испита дали со ваквите јавни настапи во зависност од нивната вистинитост, контекст, намера и последици се остварени елементи на некое кривично дело предвидено во кривичниот закон, вклучително и предизвикување паника и друго дело против јавниот ред и сигурноста, односно кога конечно Венко Филипче ќе биде повикан во обвинителството“, заклучи Петрушевски.