Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова се појави на надзорната расправа организирана во Собранието на барање на СДСМ, која ја води претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска, откако опозициската партија претходно побара одговорност од неа за случувањата поврзани со Алта банка.
Иако немаше уставна обврска да присуствува на ваква расправа, претседателката одговараше на повеќе прашања од пратениците. Главното внимание беше насочено кон дилемата дали имала политички притисок за предлагањето на Трајко Славески на гувернерската позиција и дали сега чувствува лична или институционална одговорност по случувањата во банкарскиот сектор.
Обвинувањата од страна на опозицијата дека била дел од некаква наводна тријада поврзана со Алта банка беа отфрлени од нејзина страна, при што посочи дека станува збор за целосно неоснована конструкција.
Одговарајќи на конкретното прашање поставено од пратеничката на НСДП Мираковска, шефицата на државата оцени дека во правната терминологија ваквиот пристап се нарекува промашување на предметот на расправата.
На почетокот од своето обраќање пред пратениците, Сиљановска-Давкова образложи зошто не учествувала на првата закажана седница и кои биле главните причини за нејзиното денешно појавување.
„Најнапред, сакам да Ве информирам дека на 11 ноември, кога се одржа првата седница, јас бев во Анталија, на COP31, настан за кој моето учество беше утврдено уште минатата година. Значи, не стануваше збор за избегнување на расправата. Второ, денес дојдов пред сè поради граѓаните, но и поради почитта кон оваа институција“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа се осврна и на институционалните граници, потсетувајќи на претходната надзорна расправа што се водеше за случајот со „Евростандард банка“, период кога во Собранието не биле поканети ниту шефот на државата, ниту претседателот на Владата. Таа забележа дека во испратената покана стоела формулацијата „другите државни органи“, оценувајќи го тоа како необичен потег со оглед на прецизната уставна положба на претседателот.
„Во членот 85 став 2 од Уставот е предвидено дека Собранието може да побара од претседателот мислење за прашање од неговата надлежност. Искрено, не сум сигурна дека ова прашање, во оваа фаза, е прашање од мојата надлежност. Би била овде со сигурност кога би се работело за избор на гувернер врз основа на мој предлог, или доколку би се водела постапка за негово разрешување“, нагласи претседателката.
Претседателката посебно ја истакна независноста на Народната банка гарантирана со највисокиот правен акт и законите, потенцирајќи дека нејзината функција нема надлежности за издавање или одземање банкарски дозволи, ниту за супервизија или воведување принудна администрација. Во врска со номинацијата на Славески, појасни дека строго ги следела законските норми и се консултирала со бројни експерти, универзитетски професори и поранешни гувернери.
„Не само што кандидатот Трајко Славески ги исполнува законските услови, туку станува збор за професор со четириесетгодишно искуство. Мојот избор се темелеше на знаењето, искуството, стручноста и компетентноста. Мене легитимитетот не ми извира од парламентот. Ми извира од граѓаните. Добив повеќе од 560 илјади гласови“, рече таа.
Таа исто така упати предупредување дека надзорната расправа не треба да се меша со институтот интерпелација, што според неа е крајно проблематично од уставно-правен аспект, повикувајќи на одговорност во јавниот дискурс.
„Дојдов, значи, со намера да објаснам доколку можам и да помогнам доколку можам во расветлувањето на овој случај. Целта треба да биде да се зачува или да се врати довербата. Довербата во институциите. Довербата во банкарскиот систем. Најголемиот бенефит од тоа не треба да го има ниту една политичка страна. Треба да го имаат граѓаните“, додаде Сиљановска-Давкова.
Собраниската расправа иницирана од опозицијата се одвива во услови на постојани меѓусебни политички препукувања околу влезот и работењето на Алта банка, додека надлежните институции уверуваат дека заштедите на граѓаните се целосно заштитени.
