На вчерашната седница, Собранието на Република Македонија по скратена постапка го изгласа Предлог-законот за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој се овозможува управување мотоцикли до 125 кубни сантиметри со возачка дозвола од Б категорија.

Предлогот, поднесен од пратеникот Павле Арсоски, доби широка поддршка и беше усвоен со 84 гласа „за“, без ниту еден глас против.

Претходно, законот беше разгледан и поддржан од Комисијата за одбрана и безбедност, како и од Законодавно-правната комисија, по што доби зелено светло и на пленарната седница.

Со оваа измена, официјално се отвора ново поглавје за љубителите на мотоцикли, овозможувајќи полесен пристап до светот на две тркала.

Со измените на законот се предвидува возачите со Б категорија да можат да управуваат мотоцикли од категоријата А1 (до 125 см³), но под строго утврдени услови. Станува збор за мотоцикли со автоматски менувач, со работна зафатнина до 125 см³, сила до 11 kW и сооднос сила/маса до 0.1 kW/kg.

За да управувате ваков мотоцикл, потребно е:

– да имате најмалку 23 години

– да поседувате Б категорија најмалку 5 години

– да завршите 4-часовна теоретска обука во автошкола.

По завршување на обуката, автошколата издава потврда и го известува МВР, кое води евиденција.

Иако законот е донесен, ова правило сè уште не важи веднаш. Министерството за внатрешни работи треба во рок од 15 дена да ја утврди содржината на обуката, формата на потврдата и начинот на евиденција. Дури потоа ќе може практично да се применува.

Оваа измена се смета за значаен чекор, бидејќи на многумина ќе им овозможи полесен влез во светот на мотоциклите и стекнување искуство пред преминување на повисоки категории.