Незадоволните од ДУИ продолжија со средбите на кои разговараат за политичката состојба и состојбата во партијата, овој пат со младите од Скопје. Потпретседателот Изет Меџити рече дека партијата не е во криза а упати критики до првиот вицепремиер Артан Груби за кого рече дека го става во сенка претседателот на партијата Али Ахмети. Додаде дека немаат намера да се одвојат од партијата.

„Некој може да ни посака нова куќа, но ние не излегуваме од нашата куќа. И да не бркаат од врата, ние ќе влеземе од прозор, бидејќи ние не само кога сме дома, туку и кога сме на улица велат, овој од ДУИ“, вели Изет Меџити.

Организациониот секретар Блерим Беџети акцент стави на тоа дека токму младите се тие кои и носеле победа на ДУИ.

„Секогаш, кога младината е мобилизирана во секоја активност, како што водевме заеднички битки на изборните кампањи, сите ние што сме овде, во салава и тие штоп останаа надвор, со фашите семејства, со вашите пријатели, ние ДУИ и Али Ахмети им донесовме убедлива победа во населените места, населби и градови“, додава Блерим Беџети.

Иако вели дека начелно ја нема фотелјата, Башким Хасани ја извршува функцијата заменик министер за одбрана, но и тој е дел од групата незадоволни од ДУИ.

„Причината зошто сум дел од оваа група не е само она што го слушнав од членовите на оваа група за отстапувањата што се случуваат во партијата, за забелешките што ги имаат, туку го слушнав и мнозинството членови на ДУИ“, вели Башким Хасани.

Младите на ДУИ, кои ја поддржуваат огнената група, рекоа дека се чувствуваат запоставено, а дека заслужуваат повеќе.

„На последниот конгрес на ДУИ гласавме младите да бидат на прво место, а немаме претставник во извршната власт. Имавме заменик директор и го разрешија за да си ги заштитат позициите во Владата“, додаде Јетмир Асани.

Инаку, додека огнената група од една страна ги продолжува состаноците за да го покаже своето незадоволство, лидерот Ахмети заедно со Груби и другите министри ги продолжуваат средбите со симпатизерите на партијата.