Канцеларијата на ОН за човекови права (ОХЦР) денеска предупреди на „бројни, многу вознемирувачки извештаи“ за воздушни напади во регионот Тиграј во Етиопија.
Оттаму наведуваат дека од почетокот на годината во оваа област се убиени најмалку 108 цивили.
-Најмалку 108 цивили се убиени, а 75 се ранети од почетокот на јануари, с е наведува во извештаите, а истите се резултат на воздушните напади наводно извршени од етиопските воздушни сили, изјави Лиз Тросел, портпаролката на ОХЦР.
Британските медиуми, повикувајќи се на Тросел, пренесуваат дека станува збор за напади врз приватен минибус, врз аеродром и врз камп за раселени лица, нагласувајќи дека во нападот врз бегалскиот камп загинале најмалку 59 лица и дека тоа е најсмртоносниот напад годинава.
Тросел ги повика властите во Етиопија и нивните сојузници да овозможат заштита на цивилите во согласност со меѓународното право, кое бара претходна проверка дали целите се воени или дали на нив има цивили.
Етиопската влада претходно ги негираше обвинувањата дека во нападите на нејзините сили имало цивилни жртви.
Пред 14 месеци почна судирот меѓу етиопските владини сили и бунтовниците од Фронтот за ослободување на Тиграј (ТПЛФ).