Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело – Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.Против истото лице, како и против двајца други осомничени соизвршители, поведена е постапка и за кривично дело – Измама согласно член 247 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Првиот осомничен, 37-годишен жител на Кочани, во два наврати на 23 и 24 ноември во стан во Гостивар, извршил полово дејствие врз дете родено 2012 година. Мајката на детето го повикала осомничениот кој се претставил како оџа, да пее и да го „лекува“ детето од црни магии. Осомничениот побарал да остане сам со детето-жртва во собата и притоа ја принудил на други полови дејствија. Оштетената од страв во прв момент не кажала ништо на мајката. Кога на 5 декември мајката сакала по третпат да го повика осомничениот, девојчето вознемирено раскажало што му се случува, по што настанот бил пријавен во полиција.
Истиот осомничен, заедно со уште двајца соизвршители од Гостивар, измамиле друга оштетена. Првопријавеното лице, во договор со другите двајца, на оштетената исто така и се претставило како оџа кој ќе и помогне да ги тргне магиите од нејзината куќа. Во повеќе наврати тројцата ја убедувале дека за да ги отстранат магиите треба да откопуваат различни предмети од гробишта и со тоа ги влечат магиите од неа и од нејзиниот дом. За услугата и наплатиле вкупно 98.000 денари. Кога почнале да се договараат за нова средба, оштетената се посомневала дека е измамена и ги пријавила.
За првопријавениот Основното јавно обвинителство Гостивар до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, додека за останатите двајца осомничени се предложени мерки на претпазливост.