Опфатот на вакцинација кај децата до пред ковид пандемијата изнесуваше околу 95 проценти, но изминатите две години тој бележи пад. Поради раздвиженоста од една во друга држава, невакцинираните деца се на некој начин загрозени да дојдат во контакт со болести што веќе се искоренети, вели д-р Катерина Ставриќ, директорката на Клиниката за детски болести.
На денешниот брифинг со медиумите, посветен на редовната вакцинација кај децата, скептицизмот кон вакцинацијата и враќањето на детски болести за кои се сметаше дека се искоренети, на кој присуствуваа и д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација и резидентната претставничка на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Диџовани, се испрати еден апел до родителите кои сè уште ги немаат вакцинирано своите деца да ги проверат вакциналните картони и доколку имаат некоја вакцина пропуштено да се јават во вакциналните пунктови.
Д-р Ставриќ вели дека вакцинацијата се спроведува повеќе во 50 години кај нас и во светот и се следат сите несакани реакции што се појавуваат.
-Нема сто проценти безбедна вакцина, има реакции, но тоа воглавно се лесни и самоограничувачки реакции што спонтано поминуваат и не оставаат никакви последици по здравјето на децата. Интензивно се пратат поврзаноста на вакцината со одредени состојби, меѓутоа не се докажува директна поврзаност на тие состојби со вакцината. Од тој аспект, вакцините се безбедни, појасни докторката.
Информираше дека на вакциналните пунктови има и педијатри со кои родителите можат да се консултираат и да добијат одговор на сите дилеми и прашања. Додаде дека првите години од животот на децата се најчувствителни на заболувања и затоа е важно да се вакцинираат.
Д-р Грозданова како успешен пример ја посочи имунизацијата на 46.000 деца по појавата на морбили во нашата земја во 2018 година.
– Во период од шест месеци беа вакцинирани 46.000 деца на возраст од 0 до 14 години. Оваа вакцина е оптоварена со онаа состојба за појава на аутизам и ако нешто на национално ниво се покажа, тоа е дека од сите 46.000 дози ние навистина не видовме пријави од родители кои упатуваат на тоа дека кај децата се развила појава на аутизам. Тоа упатува на тоа дека тие родители се сега смирени и спокојни за тоа што го направиле вистинскиот чекор и нивните деца се сега заштитени од морбили, дополнително се соочуваме со пад на опфатот сега за истата болест, истакна таа.
Појавата на искоренети болести се случува и во Европа. Д-р Грозданова вели дека е жално што во 2022 година се соочуваме со појава на полио, болест што одамна е искоренета.
– Во периодот на пролетта и некаде до мај во Лондон и некои западно-европски земји полиото се појави како болест. За полио имаме ефикасна вакцина и тоа точно покажа дека во моментот кога ќе се намали опфатот на вакцинирани деца, таа болест не е искоренета, повторно се појавува, додаде таа.
Апелираше до сите родители да и веруваат на вакцината и да ги заштитат децата од болестите што може да се појават.
Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Диџовани исто така апелираше дека имунизацијата е една од најефективните мерки за спасување на животт во модерно време.
– Со вакцинацијата имаме спасено најголем број на детски животи. Голем број од родителите се имаат самите вакцинирано, а исто така имаме успеано да искорениме многу болести во заедницата. И тие болести веќе не ги гледаме и не ги гледаме последиците. Затоа, сакам да ги охрабрам родителите да ги вакцинираат децата, како што и тие се вакцинирале, но и нивните родители, вели Диџовани.