Новото комунално возило ќе му овозможи на општинското јавно комунално претпријатие да пристапи и до поодалечените села во општината со цел да обезбеди одлагање на отпадот.

Договорот за реализација на проектот за обезбедување на комуналното возило го потпишаа амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада и градоначалникот на Брвеница, Јовица Илиевски, во присуство на директорот на Општинското јавно комунално претпријатие „Вардар“, Мирослав Андриески, во Брвеница.

Ова е вториот грант дониран од страна на Јапонија за Општина Брвеница. Претходно преку GPP-грант програмата за мали проекти беше поддржана реконстрункција на покривот на основното училиште во селото Челопек.

Преку програмата за мали грантови (GGP), Јапонија финансира проекти за реновирање и обезбедување опрема за повеќе од 70 училишта и градинки и 57 здравствени установи и обезбеди 31 возило за одржување и комунални возила за 49 општини.

Севкупно, Јапонија ја поддржува  Македонија во повеќе сектори и тоа инфраструктурен развој, подобрување на здравствената нега, образованието, животната околина, култура, спречувањето на природни катастрофи, бегалската криза, како и итна помош, во вкупен износ од повеќе од 422.3 милиони евра, како и дополнителна нефинансиска поддршка.