Државната изборна комисија на својата 28. седница усвои заклучок за објавување на конечноста на резултатите од вториот круг на предвремените локални избори во општина Брвеница. Одлуката е донесена врз основа на официјалниот записник доставен од Општинската изборна комисија на Брвеница, со кој се потврдува победата на кандидатот Аркин Јахији од редовите на Националната алијанса за интеграција.

„Во рок од 24 часа од приемот на решението по приговорот за постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите преку ДИК до Управниот суд не е поднесена тужба и со тоа се исцрпени сите правни лекови во однос на постапката за гласање, сумирање и утврдување резултати, по што се исполнети законските услови ДИК да донесе заклучок за објавување конечност на резултати од спроведените предвремени избори за градоначалник на општина Брвеница“, рече Маричиќ.

Членовите на Државната изборна комисија на истата седница усвоија и констатација со која на 6 ноември 2026 година официјално се означува завршувањето на сите изборни дејствија за предвремените избори во оваа општина.

Претседателот на комисијата Бојан Маричиќ упати честитки за освоениот градоначалнички мандат до Јахији, а истовремено упати признание до членовите на Општинската изборна комисија Брвеница за успешното и непречено спроведување на двата изборни круга, одржани на 18 октомври и 1 ноември 2026 година.