Општина Карпош донираше еден тон вода за пиење за жителите на Гостивар, кои во моментов се соочуваат со сериозни проблеми со квалитетот на водата за пиење.

Како што соопшти градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, донацијата е обезбедена од општинската администрација и раководството на општината, а во текот на утрешниот ден ќе биде доставена до општинскиот пункт за помош во Гостивар.

Според Лукровски, тој и градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, се во постојана комуникација за состојбата на терен и за потребите на граѓаните, при што се разгледуваат и можностите за обезбедување дополнителна помош доколку тоа биде неопходно.

„Во тешките моменти се препознаваат хуманоста, солидарноста и одговорноста. Со оваа донација изразуваме поддршка кон граѓаните на Гостивар, со уверување дека во моменти на предизвик, заедништвото, хуманоста и меѓусебната поддршка се најважни“, порача Лукровски.

Од Општина Карпош нагласуваат дека остануваат подготвени да помогнат и со дополнителна поддршка доколку состојбата во Гостивар го наложи тоа.