Сите расположливи екипи на Општина Карпош се на терен по силното невреме што ја зафати општината, а досега нема информации за повредени лица, информира градоначалникот Сотир Лукровски.
Тој во видео обраќање посочи дека општинските служби постојано добиваат пријави од граѓани за последици од невремето, меѓу кои паднати дрвја и кровни конструкции од згради.
„Сите расположливи екипи на општина Карпош се излезени на терен, постојано добиваме дојави од граѓаните за паднати дрва, кровови од згради. Засега нема информации за повредени лица“, изјави Лукровски.
Од Општина Карпош информираат дека е формирана дежурна интервентна екипа која е постојано присутна на терен и ја следи состојбата на целата територија на општината, со цел навремена реакција при временски непогоди.
Граѓаните кои ќе забележат потреба од итна интервенција можат да пријават на телефонскиот број 071/322-790. При пријавувањето потребно е да ја наведат точната локација и краток опис на проблемот, за екипите да можат побрзо и поефикасно да реагираат.
