Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска обвини дека Украина ја уценува неговата земја со запирање на протокот на нафта преку рускиот нафтовод „Дружба“, поради што, како што рече, Унгарија мора да ги ослободи своите стратешки резерви.
Во видеоизјава објавена на „Фејсбук“, Орбан соопшти дека прашањето ќе биде прва точка на дневниот ред на денешната владина седница. Тој нагласи дека, според него, целта на украинската уцена е да се принуди Унгарија да ѝ се приклучи на коалицијата на провоени европски земји.
„Значи, постои огромен притисок во Европа да се продолжи војната, а Украина особено сака сите ние, сите европски земји, вклучително и Унгарија, да ѝ се приклучиме на војната. Денес сè уште се бориме со ова“, заклучи Орбан.
Унгарија се снабдува со руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, чиј јужен крак поминува низ Украина.
