– Имајќи го предвид значењето на семејството за целосниот и хармоничен развој на личноста на детето, како и примарната улога на родителите/старателите во заштитата и унапредувањето на интересите и правата на детето, Народниот правобранител почитувајќи го правото на децата да го искажат своето мислење и несогласување за сите важни прашања од општественото живеење, укажува да не се занемари можноста од нивна злоупотреба, што е недозволиво и спротивно на нивниот најдобар интерес, се вели во апелот од Народниот правобранител.
Сликите во кои деца присуствуваат на протести, како и слики во кои деца носат транспаренти, иако се уште не знаат да читаат и пишуваат, Народниот правобранител ги смета за непримерни, поради што упатува посебен апел до родителите/старателите со крајна внимателност да пристапуваат кон вклучување на децата во вакви настани, со цел да не им ги прекршуваат правата и да ги заштитат од секаков вид на злоупотреба која може штетно да влијае на нивниот развој, на што упатува и Конвенцијата за правата на детето.
Народниот правобранител, исто така, потсетува дека секое дете треба да биде подготвено за одговорен живот во слободно општество, во духот на разбирање, мир, толеранција, еднаквост и почитување на различностите, но носењето на децата на протест/и не е единствениот начин, истите да се научат да мислат критички и да го изнесат своето несогласување со одредени појави, односно истото јавно да го манифестираат.
Овој апел, се вели во соопштението, Народниот правобранител посебно го упатува и кон политичките партии, на кои им претстојат избори за локалната власт, од причина што во последните години забележан е тренд на инволовирање на децата во спотовите од кампањите, но и нивно учество на митинзите, со што меѓу другото се постапува спротивно на Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба и Декларацијата за заштита на правата на детето донесени од Собранието, во 1991 и 2003 година.